23 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Цената на јајцата нагло расте и станува сè потешко за граѓаните да си го дозволат овој основен прехранбен продукт. Во маркетите едно јајце чини над 12 денари, додека на пазарите е само еден денар поевтино – заштеда која речиси и да не се чувствува.
Уште поскапи се домашните, „селски“ јајца кои на пазарите се продаваат од 18 до 25 денари. Според продавачите, тие стануваат вистински луксуз и тешко се наоѓаат, бидејќи се купуваат однапред, со резервација.
„Колку чинат? Зависи, од 20 до 25 денари. Сè се поскапи бидејќи житото е 22 денари килограм, па затоа домашните јајца не може да бидат поевтини од 18–20 денари“, објаснува еден продавач.
На пазарите, картон од 30 јајца денес чинеше од 320 до 350 денари. Граѓаните велат дека цените се неподносливи и бараат посилни институционални контроли.
„350 денари? Скапо е, ама што да правиме, мора да купиме за да јадеме“, вели еден граѓанин.
„Цените се високи, а платите ниски. Некој што живее со осум илјади денари – не може ни за леб да стигне“, додава друг.
„Порано беа 280 денари, сега 320. Скапо е, ама избор немаме“, сведочи трети.
„Не се само јајцата, сите производи се катастрофа“, реагира уште еден граѓанин.
Од Министерството за економија објаснуваат дека цената на јајцата најмногу зависи од глобалните берзански цени на производи како сојата, која се користи за добиточна храна. Токму овие светски флуктуации го диктираат финалниот износ што го плаќаат потрошувачите.
„Институциите континуирано ги следат цените преку пазарната инспекција и реагираат кога е потребно“, велат од министерството.
Додека не се стабилизира пазарот, граѓаните ќе мора јајцата – некогаш едни од најдостапните намирници – да ги третираат како луксузна храна.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

