01 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Предлогот за нова коалиција предводена од САД за повторно отворање на Ормускиот теснец не претставува конкуренција, туку дополнување на иницијативата што ја водат Франција и Обединетото Кралство, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро во петокот.
Говорејќи во Абу Даби, Баро истакна дека француско-британската мисија е во „напредна фаза“ и дека веќе ги информирал сојузниците од Заливот за нејзиниот концепт.
Ова доаѓа откако Стејт департментот на САД ја најави иницијативата „Маритим фридом констракт“, која има за цел да обезбеди безбеден премин низ Ормускиот теснец преку координација, безбедносни насоки и информации во реално време.
Ормускиот теснец, низ кој обично минува околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас, е практично блокиран од Иран од почетокот на војната, што доведе до раст на цените и нарушување на глобалните трговски текови. Дополнително, американската блокада на иранските пристаништа го ограничи сообраќајот во регионот.
Франција и Велика Британија паралелно работат на сопствена поморска иницијатива, при што неодамна одржаа состанок со повеќе од 50 држави. Според Баро, американската мисија „не е од ист карактер“ и „не се натпреварува“ со европската иницијатива.
На прашањето дали Франција ќе се приклучи на американскиот проект, министерот одби да даде конкретен одговор, нагласувајќи дека планирањето на француско-британската мисија веќе е финализирано.
Во меѓувреме, претседателот на САД Доналд Трамп ги критикуваше сојузниците поради неподготвеноста да се вклучат во конфликтот со Иран и ги повика земјите зависни од нафта да преземат поголема одговорност за повторно отворање на теснецот.
Иран, пак, останува цврст во ставот дека нема да го отвори водниот пат сè додека САД ги блокираат неговите пристаништа.
Шефот на иранското судство, Голамхосеин Мохсени Еџеи, изјави дека Техеран е подготвен за разговори со САД, но нема да прифати „наметнување политики“.
„Исламската Република никогаш не бегала од преговори, но не прифаќаме условувања“, изјави тој, додавајќи дека Иран не сака војна, ниту нејзино продолжување.
И покрај ова, преговорите меѓу двете земји, одржани во Пакистан во април, завршија без значаен напредок.
Во меѓувреме, новиот ирански ајатолах, Моџтаба Хамнеи, вети дека ќе ги заштити нуклеарните и ракетните капацитети на земјата, кои САД се обидуваат да ги ограничат преку воени напади.
Тој во изјава на државната телевизија порача дека „ново поглавје“ се отвора во регионот, со дополнителни остри пораки кон САД.
Овие случувања доаѓаат во момент кога иранската економија се соочува со сериозни притисоци – националната валута достигна рекордно ниско ниво, а нафтениот сектор е силно погоден од американските санкции.
Ситуацијата во Ормускиот теснец останува клучна за глобалната енергетска стабилност, додека дипломатските напори продолжуваат без јасен исход.
Бугарија и бугарскиот народ го одбележуваат Априлското востание и неговото наследство
Трамп најави укинување на тарифите за виски по посетата на британскиот крал и кралица
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

