17 април 2026
• од Темелко Тошев
Најавената реставрација на Старата скопска чаршија повторно ја разбранува јавноста, а политичката партија Левица преку остро соопштение реагира на плановите на власта, нарекувајќи ги овие зафати „концептуално плитки“ и штетни за историското јадро на Скопје.
Според партијата, зад параванот на „зачувување на автентичноста“ се крие или нестручност или свесно користење на културното наследство за краткорочна политичка промоција.
Од Левица прашуваат зошто во релативно кратки интервали се вршат нови и нови „реставрации“ на простор кој треба да биде заштитен со јасна и долгорочна стратегија.
„Ова укажува или на претходно нестручно изведени зафати, или на континуирано користење на чаршијата како полигон за ад-хок урбанистички експерименти. Наместо заштита, гледаме интервенции без јасна одговорност за тоа како се трошеле парите претходно“, се вели во соопштението.
Еден од клучните проблеми на кои укажуваат е замената на автентичната калдрма со индустриски материјали. За Левица, ова е обид за создавање на „стерилен и туристички прилагоден амбиент“ кој ја убива душата на чаршијата.
Во соопштението се повлекува паралела со веќе постоечките урбанистички промашувања во овој дел од градот. Левица потсетува на Плоштадот Скендербег, чиј бетон, како што велат, веќе се распаѓа, а кој трајно го наруши визуелниот и културниот контекст на влезот во Чаршијата.
Овие интервенции се посочуваат како доказ за штетниот тренд на агресивен урбан дизајн кој се спроведува без суштинска јавна дебата. Наместо да се учи од грешките на минатото, актуелната власт продолжува со истата логика: брзи и видливи зафати кои служат за политички поени, а не за вистинска заштита.
На крајот, од партијата го поставуваат суштинското прашање: Дали власта инвестира во одржување или во бришење на историјата под превезот на „модернизација“?
„Кога автентичноста се сведува на декоративен елемент, а интервенциите се повторуваат без јасна одговорност за претходните, тогаш станува очигледно дека станува збор за политика на континуирано преуредување без визија. Ова е директен напад врз историскиот идентитет на градот на штета на неговите граѓани“, заклучуваат од Левица.
Партијата повикува на итно стопирање на ваквите нестручни зафати и бара долгорочна стратегија базирана на професионални конзерваторски стандарди.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

