22 април 2026
• од Темелко Тошев
„Ако паднев, немаше да ме остават на мира“ – Скопјанката Ирена Нелковски ја сподели својата траума од утринското возење кон работа во Карпош 4, апелирајќи дека безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена.
Велосипедската патека на кејот на реката Вардар, која треба да биде зона за рекреација и мирен транспорт, утрово се претворила во сцена од хорор филм за скопјанката Ирена Нелковски. Додека со својот велосипед се упатувала кон работното место, таа била опколена и нападната од огромна глутница кучиња.
Ирена, која и самата е љубител на кучиња и сопственик на милениче, вели дека добро го познава однесувањето на животните и нивните инстинкти. Сепак, она што го доживеала на потегот од Адреналинскиот парк во Карпош 4 кон хотелот „Александар Палас“, го опишува како ситуација во која „нема нормала“.
„Вака почна, навидум безбедно, со селфиња и клипчиња за на социјалните мрежи... Но, она што го доживеав утрово не е нормално за никој. На клипот се гледаат четири-пет кучиња како ми се пуштија, што за мене како 'кучкар' беше дури и очекувано. Остаив смирена, очекувајќи дека ќе се откажат штом ја поминам нивната територија“, пишува Нелковски во својата објава на Фејсбук.
Ситуацијата ескалирала во моментот кога од горниот дел на кејот почнале да се приклучуваат нови и нови кучиња, формирајќи чопор од над 20 агресивни животни. Ирена го прекинала снимањето бидејќи веќе не се чувствувала безбедно и морала да се фокусира на одржување рамнотежа.
Во својот емотивен и остар апел, Ирена нагласува дека ова не е првпат оваа група кучиња да напаѓа луѓе на оваа локација, но дека нивната бројност и агресивност сега се надвор од контрола.
„Ако паднев, оној чопор разулавен од најмалку 20 кучиња немаше да ме остави на мира, толку ќе ми беше. Среќата на преживување не е средство за надминување на проблемот. Крајно време е одговорните да се освестат и да преземат мерки, бидејќи прашање на минути е кога некој ќе настрада, па последиците ќе бидат огромни“, децидна е таа.
Граѓаните кои редовно го користат кејот веќе подолго време алармираат за овој проблем, но денешното сведоштво на Ирена е уште еден доказ дека урбаните средини во Скопје стануваат небезбедни зони за рекреативците и пешаците.
Дали надлежните институции ќе почекаат да се случи трагедија пред конечно да го решат проблемот со бездомните кучиња?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

