22 април 2026
• од Темелко Тошев
Додека надлежните институции се заплеткани во административни лавиринти, околу 150.000 лица со дијабетес во Македонија се соочуваат со уште една криза. Веќе два месеци пациентите останаа без неопходните сензори за континуирано мерење на шеќерот во крвта, алармираат од Здружението на лица со дијабетес.
Според Димче Велев, претседател на Здружението на пациенти со дијабетес, состојбата е критична поради лошата динамика на јавните набавки. Тој посочува дека клучниот проблем лежи во тоа што државата потфрлила во основното планирање. Тендерот за сензори, кој според сите пресметки требаше да биде распишан во септември 2025 година, беше објавен дури на 31 декември, во последните часови од годината.
„Кај нас состојбата е влошена. Имаме циклуси ‘добро-лошо’ уште од 2023 година. Иако инсулин има константно, ништо друго не е стабилно. Веќе два месеца немаме сензори, а и оние 700–800 што се планирани се заглавени во тендерска постапка“, изјави Велев за нашиот портал.
Велев нагласува дека проблемот не е само во бирократијата, туку во директната неодговорност на поединци во институциите кои не сносат никакви последици за доцнењата што директно го загрозуваат здравјето на граѓаните. Додека календарот покажува април 2026 година, пациентите сè уште ги чекаат помагалата што требаше да ги имаат на почетокот на годината.
„Не станува збор само за систем, туку за неодговорност и неказнивост. Никој не сноси последици за овие доцнења“, дециден е Велев.
За пациентите со тип 1 дијабетес, а особено за децата, сензорите се клучни за превенција од тешки состојби како хипогликемија и хипергликемија. Недостигот на овие помагала значи дека пациентите се принудени да се вратат на традиционалното боцкање со игли по десет пати на ден, што е болно и недоволно прецизно за модерно менаџирање на болеста.
Нестабилното снабдување со медицински помагала и доцнењето на тендерите остануваат најголемите пречки за нормален живот на оваа категорија граѓани. Здруженијата бараат итна завршница на постапката и воспоставување на механизам каде набавките ќе се вршат навремено, без да се дозволи ниту еден ден прекин во достапноста на терапијата и помагалата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

