22 април 2026
• од Темелко Тошев
Во судницата денеска одекнаа детали од трагичната ноќ во кочанската дискотека „Пулс“, преку сведочењето на Теа Ѓорѓиева, една од повредените во пожарот кој избувна за време на настапот на дуото ДНК. Нејзиното признание пред судот открива низа пропусти, но и моменти на паника кои за малку ќе завршеле фатално.
Ѓорѓиева, која била редовен гостин во дискотеката уште како малолетна, кобниот 16-ти март била сместена на маса веднаш до бината. Таа потврди дека пиротехнички средства се користеле и претходно во објектот, а овојпат со својот мобилен телефон го снимила моментот кога искрите го допреле плафонот.
„Снимавме видеа. Бендот почна да пее, а истовремено почнаа и искрите. Како што стигнуваа од пиротехниката до плафонот, така почна да гори. Но, никој не го сфати тоа сериозно. Дури и кога еден од пејачите повика да излеземе, останавме уште малку бидејќи не бевме свесни за опасноста“, изјави Ѓорѓиева.
Ситуацијата станала критична кога густиот чад и пламенот се прошириле, по што настанал метеж кај излезот. Сведокот опиша драматични моменти на беспомошност додека се борела за здив.
Денешното рочиште не помина во целосен состав, бидејќи дел од повиканите сведоци сè уште се недостапни за органите на прогонот.
Одбраната на сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов – Деко, побара тој да биде пуштен во домашен притвор поради влошена здравствена состојба. Обвинителството најави дека за ова барање ќе се произнесе на следното рочиште.
Случајот „Пулс“ останува во фокусот на јавноста, отворајќи ги прашањата за безбедносните стандарди во ноќните клубови и присуството на малолетници во доцните часови.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

